Компанијата од Купертино не се откажува од идејата за унифициран полнач за сите најважни уреди на Apple.
И покрај неуспешниот експеримент со AirPower од пред неколку години, Apple наводно сè уште работи на полнач кој ќе напојува повеќе (или сите) производи на компанијата.
Според Bloomberg, компанијата развива полнач за повеќе уреди, како и технологија за полнење за краток и долг дострел.
Сето ова е дел од идејата на Apple за иднината, каде сите важни уреди ќе можат да се полнат еден со друг.
Ова не е првпат да се појават информации дека Apple подготвува решение за индуктивно полнење на голем број уреди. Во текот на јуни се појавија информации дека компанијата подготвува еден вид наследник на AirPower полначот.
Новиот полнач би требало да се разликува од постоечкото MagSafe Duo решение, кое всушност одделно ги полни iPhone и Apple Watch.
Марк Гурман од Блумберг, тврди дека Apple замислува иднина во која секој од основните производи на компанијата ќе може да полни различен уред. На пример, iPhone да може да ги полни AirPods или Apple Watch.
Обратно безжично полнење веќе некое време е во доменот на шпекулации и гласини кога станува збор за плановите на Apple, но досега не добивме конкретен комерцијален производ.