Италијанскиот регулатор денеска ги казни американските технолошки гиганти Apple и Amazon, тврдејќи дека со изборот на продавачи на дигиталната платформа ја ограничуваат конкуренцијата во цените на некои производи на Apple.

Според договорите од 2018 година на само одредени трговци на мало им е дозволено да ги продаваат производите на Apple и Beats на Amazon, со што се прекршени регулативите на Европска Унија и ја ограничува конкуренцијата на цените.

Затоа Амазон е казнет со 68,7 милиони евра, а Apple со 134,5 милиони евра, а двете компании мора да ги укинат ограничувањата и да им дозволат на сите продавачи на оригинални производи на Apple да ги продаваат на Amazon.it.

„За да се увериме дека нашите клиенти купуваат оригинални производи, ние соработуваме со нашите партнери-препродавачи и ангажиравме тимови на експерти ширум светот кои работат со полицијата, царината и трговците на мало за да продаваат само автентични производи на Apple“, се наведува во соопштението од Apple, при тоа истакнувајќи оти не ги прекршиле прописите за рамноправна конкуренција.

Додека Amazon соопшти дека не се согласува со одлуката на италијанскиот регулатор, тврдејќи дека неговата казна е „несразмерна и неоправдана“.

„Го отфрламе сугестијата дека Амазон има корист од исклучувањето на препродавачите од … трговијата бидејќи нашиот бизнис модел се заснова на нивниот успех. Благодарение на договорот, клиентите во Италија можат да ги најдат најновите производи на Apple и на Beats во нашата продавница, а на располагање им е каталог со повеќе од двојно повеќе производи, подобри цени и побрза испорака“, се посочува во соопштението на Amazon.