На астронаутите на NASA кои требаа да се вратат на Земјата од Меѓународната вселенска станица им се случи незгода. Во капсулата им се расипа тоалетот, па сега тие мораат да носат пелени, пренесе агенцијата „Асошиетед прес“.
Астронаутката Меган Мекартур рече дека успеале некако да се снајдат. Таа со уште тројца астронаути ќе поминат уште 20 дополнителни часови на SpaceX капсулата, пред да слетаат на Земјата.
„Летот во вселената е полн со мали предизвици. Ова е само уште еден во низата со кои мораме да се соочиме во оваа мисија. Не сме претерано загрижени“, рече Мекартур на конференцијата за новинари од орбитата.
Францускиот астронаут Томас Песке рече дека во изминатите шест месеци во вселената било интезивно, а дека меѓу останатото тие биле и домаќини на руската вселенска филмска екипа која снимала сцени од Меѓународната вселенска станица.
На крајот се појави проблем со тоалетот во капсулата на SpaceX, а инженерите кога ја прегледаа капсулата рекоа дека таа не е загрозена, но, дека тоалетот не може да се користи, пренесе „Гласот на Америка“.
Во екипата со Песк и Мекартур, се и астронаутите Шејн Кимбро и Акико Хошиде. Тие се во вселената од 23 април. Во Меѓународната вселенска станица ќе остане само еден Американец и двајца Руси кои ќе ја дочекаат новата екипа на астронаути.