Apple сè уште размислува која опција да ја избере за OLED панелите што ќе ги примени на MacBook Pro, iPad Pro и останатите свои производи.

Производителот на iPhone првично планираше да го лансира својот прв MacBook Pro лаптоп со OLED еркан во 2025 година, но овој план најверојатно ќе биде одложен, велат луѓето запознаени со ова прашање.

Apple разговараше и за примена на OLED панелите во својата iPad Pro линија со јужнокорејските компании. Таблет уредите со OLED дисплеи се очекува да бидат лансирани на крајот на 2023 или 2024 година, дознава The Elec.

Најголема пречка за компанијата од Купертино во примената на OLED беше цената. Apple сега се обидува да примени двослојна тандем структура на панелот што го набавува од Samsung и LG.

Структурата комбинира два слоја црвени, зелени и сини слоеви на емисија, што ја удвојува осветленоста и го продолжува животниот век на панелот. Покрај тоа, потребна му е технологија на транзистори со тенок филм (TFT), која делува како прекинувач за пикселите. Оваа технологија се смета за неопходна бидејќи таблет уредите и компјутерите имаат подолг животен век во споредба со паметните телефони.

Актуелните OLED панели во паметните телефони имаат еднослојна структура, каде што има само еден слој на емисија на црвена, зелена и сина боја.

 

Удвојувањето на слојот за емисија ги дуплира материјалните трошоци. TFT ќе треба и да го поддржува брзото движење на електроните. Тоа значи дека ќе се применува нискотемпературен поликристален оксид (LTPO), но оваа технологија бара од 15 до 16 маски во текот на производството, што дополнително ги зголемува трошоците.

За нискотемпературниот поликристален силициум (LTPS), 11 маски се користат додека конвенционалниот оксид TFT користи околу седум маски.

Apple планира да имплементира два тандем LTPO TFT на своите први OLED iPad Pro уреди, кои ќе бидат достапни во големини од 12,9 и 11 инчи.

Меѓутоа, компанијата планира да користи оксид TFT наместо TFT за другите ИТ производи по првите OLED iPad модели, за да ги заштеди трошоците, бидејќи ќе им требаат помалку маски за време на производството.

Користењето на оксидниот TFT ќе заштеди трошоци, но за да може панелот да поддржува висока резолуција, ќе биде потребно заштитно коло на модулот. Ова може да биде уште еден проблем со трошоците и панелот може да биде повеќе склон кон прегревање.

Apple сè уште размислува која опција да ја избере за OLED панелите што ќе ги примени на MacBook Pro и останатите свои производи, покрај смартфоните и таблетите.

Samsung Display моментно испорачува LTPO TFT OLED панели за iPhone 13 Pro смартфоните, додека LG Display обезбедува LTPO TFT OLED панели за Apple Watch и исто така планира да ги испорача за следната генерација на iPhone.

Конечната одлука што ќе ја донесе Apple за својот OLED панел ќе влијае на тоа каде Samsung Display и LG Display ќе одлучат да инвестираат, во однос на капацитетите и инфраструктурата, бидејќи нарачките сигурно ќе бидат огромни.