Volkswagen започнува со безжични ажурирања за сите модели во семејството ID. Проверете кои нови карактеристики ќе бидат додадени на „електричарите“ од Волфсбург
Современите автомобили се опремени со се понапредни технологии, а нивната работа се повеќе наликува на паметен телефон, главно поради контролата на повеќето функции преку екран на допир. Од таа причина, на новите автомобили, како и телефоните, им треба редовно ажурирање.
Како и на паметен телефон – корисникот на автомобилот ќе биде известен дека ажурирањето може да се инсталира
До сега, ажурирањето на мултимедијалниот систем (на пример, ставање понова карта за навигација) бараше посета на сервис, а додавањето дополнителна опрема (на пример, светла за магла) беше поврзано со потребата да се заменат соодветните компоненти. Сепак, живееме во дигиталната ера и затоа нашиот автомобил може да добие нови функции без да го напушти паркинг просторот.
Volkswagen веќе започна со далечинско ажурирање на своите електрични модели: ID.3, ID.4 и ID.4 GTX. Како дел од првото достапно ажурирање, подобрена е обработката на сликата во мултифункционалната камера, што овозможува побрзо препознавање на мотоцикли и други учесници во сообраќајот (исто така во темнина), а исто така, во автомобилите со динамички висока контрола на снопот, се овозможува уште попрецизно прилагодување на дометот на предните светла. Покрај тоа, променета е и графиката на централниот екран. Таа е попригушена и појасна, додека работата со мултимедијата е поинтуитивна.
Сите индикации се дека надградбите Over-the-Air ќе бидат трајно инсталирани во автомобилите на Volkswagen, бидејќи германскиот производител смета дека ова е потенцијал за генерирање дополнителен приход. Ова првенствено се однесува на можноста за купување пристап до одредени функции и услуги (на пример, системот Travel Assist или зголемени перформанси на батеријата за долги патувања, а со текот на времето дури и за почеток на автоматско возење).