Дима Рајдерман, Главен оперативен директор на BtoBet
Поминаа речиси 18 месеци откако Светската здравствена организација го прогласи Ковид-19 за пандемија. Оттогаш, целиот свет брзо стана сведок на серија нарушувања, особено од перспектива на работниот процес. Сега е сосема сигурно дека работата никогаш нема да биде иста, дури и ако се уште не ги знаеме сите начини на кои ќе биде поинаква.
Како и многу други компании низ светот, ја анализиравме ситуацијата и ги разгледавме сите можности што може да ги понуди пандемијата во смисла неопходните прилагодувања да бидат поагилни и поефикасни, додека пристапот е насочен кон вработените. Така почнавме да размислуваме на подолг рок, вклучувајќи ги и алтернативните начини за структурирање на работната комуникација, часовите, како и физичкото присуство. Повеќе од задоволен сум од нашето приближување кон хибридниот модел на работа, при што ја комбинираме работата на далечина со канцелариската работа. Се осмелувам да кажам, дека во денешно време, принудувањето да се адаптираме на овие никогаш претходно замислени околности, беше позитивен ефект од пандемијата.
Нашата намера е да вклучиме повеќе слобода, околу тоа каде и кога ќе работиме. Сакаме да им пружиме поголема автономија на вработените, за да ја усогласат работата со останатиот дел од нивниот живот, наместо да структуираме работен пристап што се врти само околу часови пријавени во канцеларија. Иронично, иако ние сме добро познати по нашиот пристап кон играчите во iGaming индустријата, во изминатите месеци сфативме колку е од суштинско значење да се усвои и пристап фокусиран на вработените, со структура и ефикасност од една страна и независност и флексибилност од друга страна.
И додека физичкото присуство може да биде потребно за одредени аспекти, како што е почнување на некој проект, не е неопходно вработените да мора да патуваат во канцеларија за друга работа. Денес е добро познат фактот дека задачите што бараат висок степен на концентрација и за кои обично беа потребни неколку часа во канцеларија за да бидат завршени, можат да се завршат дома за значително пократко време.
Од друга страна, научивме и дека вработените имаат тенденција да имаат различни карактери, кога е во прашање начинот на кој и пристапуваат на својата работна рутина. Некои од нив може да имаат проблеми при префрлање помеѓу различните работни средини. Можеби повеќе би им се допаднало канцелариското опкружување, посебно од перспектива на социјалната интеракција. И затоа, во BtoBet веруваме дека вистинскиот одговор е зајакнувањето на вработените, со динамика на работа базирана на слобода што произлегува од одговорноста.
Претходно, вообичаена практика да го пренесете својот квалитет како менаџер беше да се задржите многу во канцеларијата, за да ги водите тимовите и да бидете присутни на сите состаноци. Во денешно време, работното место е многу подинамично, бидејќи пристапот се врти околу посветеноста на испораката. Единственото што е важно е исходот, а не времето што луѓето го поминуваат во канцеларија.
Ослободувајќи се од следење или прилагодување на традиционалниот 9-до-5 канцелариски насочен пристап, обезбедивме да ги задржиме најдобрите делови од канцелариската култура, да ги отстраниме неефикасните процеси и непотребната бирократија. Секој лидер на тимот и раководител на одделение, верува дека во таква средина ќе може да го усоврши потенцијалот на своите директни тимови, со цел на крајот да ги исполнат целите на поефикасен начин.
Гледајќи наназад на сите влијанија што ги донесе Ковид-пандемијата врз сите компании, позитивна работа е што бевме „принудени“ да бидеме малку покреативни и флексибилни, со цел секој од нас да се навикне на новиот начин на работа. Се надевам дека овие сегашни вредности на флексибилност базирани на дисциплина, одговорност и напорна работа се тука за да останат. Уверен сум дека овој пристап позитивно влијаеше на благосостојбата и рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот на нашите вработени и очекуваме да продолжиме да работиме на понатамошно зајакнување на нашата култура фокусирана на вработените.