Windows 11 се очекува подоцна во текот на годината, а оние кои се дел од Microsoft Insider програмата може да бидат заинтересирани да учествуваат во тестирање на новиот оперативен систем во бета верзија. Досега оперативниот систем беше достапен само на Dev каналот.
Сепак, и покрај фактот што станува збор за бета верзија, се уште се работи за релативно рана верзија на Windows, така што не се препорачува за секојдневна употреба, туку како преглед на функциите и карактеристиките што Windows 11 ќе ги понуди кога ќе стане официјално достапен. Microsoft, сепак, посочува дека бета верзијата е постабилна во споредба со претходната dev preview верзија.
Windows 11 ќе започне да се испорачува до корисниците кон крајот на 2021 година и ќе биде достапен како бесплатна надградба за оние корисници кои имаат Windows 10.
Microsoft претходно објави дека уредите кои користат Intel процесори од 8. генерација и AMD Zen 2, како и Qualcomm 7 и 8 Series ќе ги задоволуваат принципите за безбедност и сигурност на компанијата и минималните системски барања за Windows 11. Компанијата ја истражува и можноста да вклучи и уреди кои користат Intel процесори од 7. генерација и AMD Zen 1.