Lenovo го најави новиот производ под името Go Wireless Charging Kit, а тоа е всушност безжичен полнач за лаптопи.
Полначот е базиран на „Power By Contact“ технологијата на компанијата Energy Square, а не на повообичаениот Qi стандард.
Полначот се состои од плоча од брусен метал со дебелина од 3,2 мм, која се вклучува во ѕиден штекер и се остава на масата, а тука е и безжичен ресивер за полнење кој се спојува со базата на лаптопот и се поврзува преку USB-C порт. Овој полнач може да полни поголем дел од 13 и 14-инчните лаптопи преку 65W безжично полнење и со ефикасност од 93 проценти. Исто така, полначот е компатибилен со Windows и macOS уредите.
Сепак, лаптопите кои поддржуваат безжично полнење се прилично ретки на пазарот. Dell во 2017. година претстави 2-во-1 уредот Latitude 7285, кој поддржува безжично полнење, но тоа повеќе беше таблет кој можеше да се полни преку тастатура како база. Intel ја имаше и својата Rezence технологија, но не ја комерцијализираше.
Продажбата на полначот Go Wireless Charging Kit почнува во октомври по цена од 139,99 долари.