Новиот телефон на Asus доаѓа со 5,7-инчен екран, солиден хардвер и батерија со капацитет од дури 4130 mAh, а ќе се продава по цена од 229 долари.
Додека цената на најмоќните паметни телефони денес достигнува и над илјада долари, на повеќето од корисниците таквите телефони не им се потребни, односно немаат намера да трошат толку парид кога се што им треба има и на поевтините телефони.
Иако поевтините телефони немаат моќни процесори и добри камери, сепак тие се сосема доволни за најголемиот дел од потребите на просечните корисници, а токму на таквите корисници цели Asus со новиот ZenFone Max Plus.
ZenFone Max Plus кон крајот на минатата година беше претставен на рускиот пазар, а Asus сега на “CES” саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, го најави неговото проширување и на другите пазари.
Овој паметен телефон има екран со дијагонала од 5,7-инчи и резолуција од 2160х1080 пиксели, работи на Mediatek MT6750T осумјадрен процесор, има 3 GB RAM и 32 GB интерна меморија, како и 100 GB бесплатен простор на Google Drive во текот на првата година на користење. На задната страна се сместени две камери – главната со резолуција од 16 мегапиксели и уште една од 8 мегапиксели со широк агол на снимање. На предната страна се наоѓа исто така камера со 8 мегапиксели наменета за правење на селфи фотографии.
Посебно се истакнува моќната батерија со капацитет од 4130 mAh која може да издржи 13 часа репродукција на видео записи и според Asus, нејзиниот животен век е двојно поголем во однос на повеќето од паметните телефони достапни на пазарот. Исто така, ZenFone Max Plus доаѓа со опција за брзо полнење на батеријата, па така за само 15 минути полнење може да се разговара до 3 часа, а за полнење на целата батерија се потребни околу три часа.
Сепак, тоа што најмногу може да ги привлече корисниците е цената на ZenFone Max Plus која што изнесува 229 долари што е одлична цена за телефон со голем екран, солиден хардвер и моќна батерија.