Кучињата можат да бидат обучени за откривање на повеќе од 90 проценти од заразата со Ковид-19, тие можат да откријат дури и кога пациентите се асимптоматски, се вели во најновата студија објавена на оваа тема а нејзините автори се надеваат дека тоа може да ја замени потребата од карантин на патници кои влегуваат во други земји.
Користејќи го своето извонредно чувство за мирис, кучињата претходно докажаа дека можат да мирисаат и да реагираат на болести како што се рак, маларија или епилепсија.
Неколку претходни студии покажаа дека тие исто така успеваат да ги детектираат заразените со вирусот САРС-Ков-2.
Научниците од Лондонската школа за инфективни болести и тропска медицина се обиделе да утврдат дали кучињата можат да детектираат препознатлив мирис на хемиски соединенија поврзани со луѓе позитивни на коронавирус кои не покажуваат никакви симптоми на болеста.
Тие собрале облека и заштитни маски од луѓе кои биле позитивни на лесен или асимптоматски САРС-Кoв-2.
Меѓу облеката имало и чорапи на 200 лица заразени со коронавирус, кои биле поделени на шест претходно обучени кучиња за да предупредат на присуството или отсуството на потребното хемиско соединение.
„Ова значи дека обученото куче целосно ја разбира задачата и добива награда за препознавање на точниот негативен резултат од тестот, но исто така и точниот позитивен резултат“, објасни Клер Гост од Факултетот за инфективни и тропски болести.
Се покажа дека кучињата во студијата успеваат да идентификуваат меѓу 82 до 94 проценти од примероците на САРС-Ков-2 за само една секунда.
Истражувачите потоа ја проучувале ефективноста на овие резултати во откривање на благи или асимптоматски случаи на Ковид-19, споредувајќи ги со традиционалните ПЦР тестови.
Докажано е дека со помош на специјално обучени кучиња кои се користат, на пример, за преглед на луѓе на терминалите во аеродромот, може да се открие 91 процент од случаите заразени со коронавирус.
Авторите на студијата, која допрва треба да помине научен преглед, велат дека се надеваат дека таквата мерка на крајот би можела да се искористи за да се замени потребата од карантин на патници, кој преставува проблем при патувањето бидејќи огромното мнозинство патници не се позитивни на Ковид-19.
„Тоа е навистина добар почеток и може да резултира во многу корисен и употреблив систем“, рече Мик Бејли, професор по компаративна имунологија на Универзитетот во Бристол, кој не беше вклучен во истражувањето.
Тој, сепак, предупреди дека „треба да се направат многу повеќе проверки пред да можеме со сигурност да кажеме дека кучињата се во можност да детектираат асимптоматски инфекции со САРС-Ков-2 кај патниците на аеродромите и железничките станици со голема сигурност“.