Компанијата Stefano Boeri дизајнираше и изгради вертикални шуми во целиот свет, но нивниот последен дизајн ќе биде изграден во Ајндховен, Холандија, и за разлика од другите, ќе биде финансиран од проект за социјално домување. Сите станови во зградата ќе бидат за луѓе со ниски примања. Вертикалната шума Trudo Vertical Forest ќе биде пример за тоа како добрата архитектура може истовремено да ги реши проблемите со климатските промени и со урбаното домување.
Stefano Boeri досега има конструирано вертикални шуми во Милано, Утрехт, Нанџинг, Тирана, Париз и во Лозана, но Trudo Vertical Forest ќе биде уникатна, информира Inhabitat. Зградата ќе има 19 ката со вкупно 125 станови. Сите станови ќе бидат покриени со бујна вегетација од различни видови растенија и дрвја.
„Оваа зграда е доказ дека може да се комбинира решавањето на предизвиците на климaтските промени и недостигот од простор за живеење. Урбаното пошумување не е потребно само за да се подобри животната средина во целиот свет туку е и можност за подобрување на условите за живот за посиромашните луѓе“ велат од Stefano Boeri.
На зградата ќе има вкупно 125 дрвја и 5.200 растенија. Ќе биде висока 75 метри и ќе помогне да се контролира урбаното загадување, а ќе обезбеди и дом за разни инсекти и животни. Trudo Vertical Forest поставува нови стандарди на живот. Секој стан ќе има површина од 50 квадратни метри.
Извор: Иновативност