Според резултатите добиени од импaкт евалуацијата на „Фајнанс Тинк“, презентирани на денешната панел дискусија во рамките на економскиот форум: „Субвенциите создаваат подобри претпријатија? Или подобрите претпријатија добиваат повеќе субвенции?“, финансиската поддршка која е дoделена преку ФИТР е ефективна и треба да ја задржи досегашната форма на поддршка.
Од вкупно 12 индикатори за ефикасноста на државната помош, ФИТР има ефикасна поддршка во 7 индикатори, и тоа: врз продажбата, технологијата, продуктивноста, профитот на компаниите, паричната ликвидност и пазарниот удел.
Ефектот на поттик кај приватните компании кои добиле поддршка од ФИТР е многу поголем за разлика од компаниите кои добиле државна помош преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Тоа се должи пред се на фактот што ФИТР доделува државна помош за предлог проекти кои се ветувачки и кои ќе се реализираат по доделувањето на државна помош.
„Горд сум на успесите на тимот на ФИТР и се надевам дека сегашната форма на поддршка која ја нудиме на стартап компаниите ќе ја однесеме на многу повисоко ниво. ФИТР во изминатиот период интензивно работи на подостапна поддршка на стартапите, каде во соработка со големите корпорации и финансискиот сектор, ќе им излеземе во пресрет на потребите на компаниите во периодот на развој. Сметам дека ова е клучен период за компаниите, во период на кризата предизвикана од Ковид 19 и се надевам дека државата заедно со приватниот сектор заеднички ќе успееме успешно да одговориме на предизвиците“, изјави Коста Петров, Директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Заклучно со 30.04.2021 година портфолиото на Фондот брои 281 одобрени предлог проекти по основ на инструментите за поддршка од Планот за економски раст, столб III, во вкупен износ од над 21 милион евра, како и 78 одобрени предлог проекти финансирани од комбинирани средства од Светска Банка и Буџет од Планот за економски раст-столб III, во вкупен износ од над 12 милиони евра.
За 2021 година, ФИТР ќе спроведе јавни повици за финансиска поддршка преку различни инструменти во износ од 17.5 милиони евра. Од портфолиото на Фондот во тек е реализацијата на проекти од 550 компании во вкупна вредност од 77 милиони евра.