WhatsApp тестира нова алатка за уреди со Android и iOS, што ќе им овозможи на корисниците брзо да ги прегледуваат своите говорни пораки пред да ги испратат на контактот, се наведува во новиот извештај. Ова е уште една меѓу многуте функции за кои се вели дека во моментов се тестираат и би можеле наскоро да се појават. WhatsApp неодамна е забележан како тестира функција за репродукција на гласовни пораки на јавниот бета канал, која ќе им овозможи на корисниците да ја зголемат брзината на репродукција на говорните пораки што ги добиваат со користење на една од трите опции – 1x, 1,5x и 2x.

Според објавата на WABetaInfo, платформата што ги тестира WhatsApp функциите во бета фаза и објавува информации за нив, би можела да додаде копче Review (Преглед) во прозорецот за разговор, што ќе им овозможи на корисниците да преслушаат говорната порака што ја снимаат, пред да ја испратат. Функцијата е наводно во фаза на изработка и може да биде објавена во идното ажурирање на WhatsApp за iOS и Android.