Четворица астронаути, тројца Американци и Јапонец, вчера ја напуштија Меѓународната вселенска станица во капсула на SpaceX и успешно се вратија на Земјата. Тие минаа 160 дена во вселената, а вчера наутро слетаа во Мексиканскиот Залив во капсула на SpaceX.
Американците Мајкл Хопкинс, Виктор Гловер, Шенон Вокер и Јапонецот Соичи Ногучи од ноември, 2020 година престојуваа на Меѓународната вселенска станица со што поставија рекорд на најдолго престојување во вселената како екипаж лансиран со американско вселенско летало.
Тие се првите астронаути кои како дел од оперативната мисија на Станицата беа превезени од SpaceX на Елон Маск.
Капсулата Crew Dragon се одвои од Станицата според планираното, а патувањето кон Земјата траеше скоро 7 часа. Четворицата астронаути слетаа во Мексиканскиот Залив во неделата наутро, капсулата падна во море во близина на градот Панама, Флорида користејќи специјални падобрани за ублажување на падот.
Безбедното враќање на астронаутите означи крај на важна мисија за НАСА и SpaceX. Астронаутите беа на истиот брод Dragon, наречен Resilience, којшто ги лансираше во орбитата и којшто SpaceX по поправката планира да го користи и во други мисии.