Професорот од Универзитетот „Оксфорд“ со хрватско потекло, Кристијан Рамадан, беше гостин во телевизиско интервју и рече дека не го прославил отворањето во Велика Британија пред две недели затоа што, како што рече, не е време да се слави.
„Британија покажа добар тренд бидејќи заклучувањето беше жестоко, а паралелно со тоа почна и интензивна кампања за вакцинација, со што беа заштитени над 95 % од ранливата популација“, рече тој за ХРТ
„Сега се покажуваат одлични резултати, инфекцијата е многу мала и немаме многу смртни случаи“, додаде тој.
Вакцинацијата во Британија почна со вакцината на „Фајзер“ во декември и со вакцината на „Астра зенека“ во јануари. Рамадан вели дека таа се спроведува одлично и дека нема премногу несакани ефекти што ѝ се припишуваат на „астра зенека“, односно дека тоа се многу ретки случаи.
„На 4 милиони вакцинации, за жал, има еден смртен случај, но ако тоа се спореди со Ковид-19, каде што има по една смрт на 46 лица, јасно е дека споредбата е невозможна. Може да се види дека вакцината помага, но нормално е дека понекогаш има одредени несакани ефекти кај некои лица“, додаде тој.
Тој истакна дека луѓето треба да се вакцинираат, без оглед за која вакцина станува збор и дека треба да се охрабрат на таков потег.
„Во Велика Британија нема дилема за тоа која вакцина да се избере, која и да се прими – резултатите се видливи“, рече професорот Рамадан.