Во третата рунда на вакцинација, што се очекува наесен, најдобро е да се прими вакцина направена на платформа на друг производител на вакцини, а не онаа со која луѓето претходно се вакцинирале, предложи српски експерт во средата, тврдејќи дека на тој начин ќе се постигне поширок имунолошки одговор на Ковид-19.
Микробиологот и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Крагуевац, д-р Дејан Баскиќ, за крагуевачката ТВ К1 изјави дека бил вакциниран со „фајзер“, како и повеќето здравствени работници, но дека во следната рунда вакцинации ќе биде вакциниран со кинеската „синофарм“.
„Се покажа дека оваа вакцина е побавна во создавањето на имунолошки одговор и треба подолго време за да се создаде заштита, но кинеската вакцина го содржи целиот мртов вирус и развива имунолошки одговор на сите компоненти на вирусот, не само на познатиот С-протеин, додека ‘Фајзер’ го подготвува имунолошкиот систем само на С-протеин“, вели Баскиќ за ефикасноста на вакцината, пренесува „Танјуг“.
Баскиќ ги посочи резултатите од истражувањата кои покажуваат дека кинеската вакцина е подобра одбрана од нови мутации на вирусот, конкретно во случајот со бразилската варијанта.
Тој смета дека имунолошкиот одговор би бил подобар со вакцинирање со препарат направен на друга платформа.
Баскиќ, кој спроведе истражување за ефикасноста на вакцините во Крагуевац, нагласува дека првичните резултати од истражувањето упатуваат на заклучок дека секоја вакцина е добра и дека граѓаните не треба да се сомневаат дали да се вакцинираат или не.