NASA објави неверојатна фотографија од море од сини дини на Марс. Фотографијата прикажува и извајани линии од ветер што ја опкружуваат замрзнатата северна поларна капа на Марс.
Делот што е фотографиран претсавува област широка 30 километри, а морето од дини е всушност област голема колку Тексас.
Боите на фотографијата се репрезентативни. Сината боја претставува постудена клима, а нијансите на жолтата боја ги означуваат „дините загреани од Сонцето“.
Фотографијата е направена од комбинација на слики фотографирани од „Системот за фотографирање термички емисии“ што се наоѓа на орбитерот „Одисеја“ на Марс.
Направени во периодот од декември 2002 до ноември 2004 година, фотографиите се објавени по повод 20-годишнината на „Одисеја“.
„Одисеја“ претставува роботско вселенско летало што кружи околу Марс и со помош на термичка камера открива докази за вода и мраз на планетата. Орбитерот беше лансиран во 2001 година, што го прави најдолготрајното вселенско летало на Марс во историјата.
Огромни пространства од сини дини во долги линии создадени од ветрот ја опкружуваат северната поларна капа на Марс. NASA ја објави необичната фотографија од планетата Марс, на која овој дел од Црвената планета е голем по површина како сојузната американска држава Тексас.