NASA го одложи првиот лет на минијатурниот хеликоптер Ingenuity на Марс поради технички проблеми, објави американската вселенска агенција.
Мини-хеликоптерот Ingenuity, кој пристигна на Марс со роверот Perservance, нема да полета пред 14 април. Првично беше планирано да полета во недела на 11 април.
NASA соопшти дека тестот за брзо вртење на роторите на хеликоптерот завршил порано, откако се појавиле проблеми при преминот на режимот пред летање на режим летање.
„Хеликоптерот е безбеден и во исправна состојба. Веќе ги испрати своите информации на Земјата“, објави NASA.
Тим експерти работи на дијагностицирање на проблемот и повторно ќе го направи тестот за максимална брзина откако ќе заврши проверката. За време на пробниот лет, хеликоптерот тежок околу 1,8 килограми ќе лета до висина од околу три метри, ќе остане на едно место 30 секунди, а потоа ќе се врати на површината на Марс. Тоа би бил првиот лет на вселенско летало на друга планета.
Хеликоптерот се напојува со литиумски батерии и има капацитет за уште неколку обиди за лет. Се соочува со екстремни услови на Марс, температура од минус 90 степени Целзиусови, слаба гравитација и ретка атмосфера.
Ingenuity патуваше на Марс со роверот Perservance, кој е тежок околу 1.000 килограми и е со големина на помал автомобил.
Роверот пристигна на Марс во февруари, а за 203 дена лет, помина 472 милиони километри. Тој слета во пресушен кратер на езерото долг 45 километри, а во следните две години треба да изврши увид во кратерот на езерото.