Вредноста на биткоинот падна за 21% на денешното тргување на берзите, зголемувајќи ги загубите во истиот месец кога исто така забележа раст од 40%.
Дигиталната валута изгуби вредност и падна на најниско ниво од 12.191 долар, а во еден момент на берзата во Хонгконг падна и на 12.601 долар. Биткоинот, кој вреди 38% помалку отколку во врвот од 19.511 долари, сепак и понатаму е во плус од 1.100 проценти годинава.
Ова што се случува сега е судар со реалноста, вели аналитичарот Стивен Инс од компанијата за берзанско тргување во Азиско-Пацифичкиот регион, „Оанда“.
„Во сржта на биткоин манијата беше огромната побарувачка за валута во ограничени количини што сега доведе до несофистицирани инвеститори кои ‘ја држат торбата на врвот.’“
Падот на вредноста на биткоинот следи поради загриженоста дека биткоин кешот станува сѐ посилна конкуренција на познатата криптовалута. Биткоин кешот, што се појави претходно годинава како последица на фракциите во врска со предложените надградби на софтверот, неделава беше додаден во понудата на „Coinbase Inc.“.
Несомнено, манијата за сѐ поврзано со криптовалута во моментов е во пораст.
Акциите на компанијата „Long Island Iced Tea“ скокнаа за неверојатни 500% откако компанијата се ребрендираше во „Long Blockchain“.
Гувернерот на Банката на Јапонија, Харухико Курода, вчера изјави дека биткоинот не функционира како класично средство за плаќање и дека се користи за шпекулации.
Банките насетија прилика. „Goldman Sachs Group Inc.“ има намера да постави берза за тргување со дигитални валути како што е биткоинот. Банката наводно планира да почне со работа до крајот на јуни, велат извори блиски до планот.