Компјутерите на Apple долго време важеа за најбезбедни на интернет затоа што се веруваше дека не постои вирус кој може да го нападне нивниот оперативен систем.
Дека тоа не е така, знаеме веќе подолго време, а сега дојде и моментот сопствениците на најновата генерација на Mac да бидат загрижени.
Имено, откриен е првиот малвер кој ги погодува компјутерите на Apple со M1чипот. Иако Apple посвети доста внимание токму на безбедносните аспекти на новиот процесор, па компанијата доби и пофалби од поранешниот истражувач во NSA, Патрик Вордл, хакерите очигледно биле доста упорни.
Токму Вордл го откри малверот кој бил прилагоден за М1 процесорот. Злонамерната апликација GoSearch 22 добро им е позната на експертите за сајбер безбедност затоа што во себе содржи Pirrit малвер кој прикажува различни огласи и собира податоци од интернет пребарувачот.
Сепак, ова е првпат таков малвер да е целосно прилагоден за М1.
„Злонамерната апликација GoSearch 22 можеби е првиот пример на таков природно компатибилен код за М1. Создавањето на таква апликација е значајно од две причини. Прво, затоа што покажува дека злонамерниот код се развива како директен одговор на хардверските и софтверските промени од Купертино и второ, затоа што аналитичките алати и антивирусните програми ќе мора да се помачат за да го откријат“, напиша Вордл на својот блог.
Извор: B92.net