Израел можеби никогаш нема да биде во состојба да го достигне колективниот имунитет поради тоа што во таа земја живеат 2,5 милиони деца кои што не можат да бидат вакцинирани.
„Во овој момент кога имаме 2,5 милиони деца кои што не можат да бидат вакцинирани, ние веројатно нема да го достигнеме колективниот имунитет, па дури и доколку целата популација која што може да биде вакцинирана се вакцинира“, изјавила началничката од службата за јавно здравје Алрој Преис.
„Колективниот имунитет се постигнува кога заразена личност може да зарази помалку луѓе од вообичаено затоа што останатите луѓе имаат имунитет“, објаснил шефот за иновации во здравствената служба Клалит, Рон Балицер.
„Доколку бројот на луѓето кои што можат да бидат заразени е три и доколку двајца од тројца се имуни, тоа значи дека сме постигнале колективен имунитет и дека болеста нема да се шири“, објаснил Балицер за израелските медиуми.
Алрој Преис синоќа во израелскиот парламент ги претставила своите проценки на денот кога во Израел започна постепено укинување на рестрикциите по 40 дена „заклучување“ поради пандемијата на коронавирусот.
Таа изјавила дека мерките биле делотворни и дека стапката на репродукција опаднала од 1,3 на 0,99 отсто.
Во неделата во Израел беше укинато ограничување на движењето на еден километар од местото на живеење и отворени се националните паркови, археолошките пронаоѓалишта, рестораните кои што нудат храна за носење, како и компаниите кои што не работат директно со странки.
Децата помлади од 16 години се 30 отсто од 9,3 милионите жители на Израел и тие не можат да се вакцинираат.
Покрај тоа, досега повеќе пати сме биле сведоци на тоа дека луѓето кои што прележале Ковид-19 можат повторно да се заразат.
Само во Израел 637 луѓе биле инфицирани двапати по три или пак повеќе месеци, навело Министерството за здравство.
„Доколку мислевме дека по првата инјекција од вакцината сè ќе биде поразлично, нема“, изјавила Алрој Преис.
Извор: Radio Slobodna Evropa