Замислете зграда која знае колку точно енергија конзумира, колку слободни паркинг места има и кога тоалетите треба да се чистат. Дури и еспресо машините препознаваат луѓе и знаат точно какво кафе треба да подготват.

Станува збор за деловната зграда наречена The Edge која се наоѓа во Амстердам и е дизајнирана од консултантската компанија Deloitte која воедно ја и користи зградата како свое седиште. Зградата е опремена со 28 000 сензори кои следат движење, ниво на осветлување, влажност на воздухот и температура.

Сите овие податоци ѝ овозможуваат на зградата да реагира и да користи ресурси поефикасно. Кога одредени делови од зградата не се користат, греењето, ладењето и осветлувањето можат да се исклучат.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

The Edge служи за пример како дизајните за паметни згради имаат потенцијалот да го променат начинот на кој работиме. Вработените се поврзани со зградата преку апликација за паметен телефон преку која наоѓаат паркинг место, бироа за работа, а можат да си ги пронајдат и колегите. Во зградата моментално има околу 2 500 вработени.

Преку апликацијата, вработените можат да ја регулираат температурата и осветлувањето околу нив. Апликацијата исто така ги памети преференците на вработените, вклучувајќи го и нивниот вкус за кафе.

 

Системите за греење и ладење, осветлувањето, лифтовите, апаратите за кафе, сензорите кои ги предупредуваат вработените кога тоалетите треба да се исчистат и роботите кои функционираат како обезбедување и патролираат низ зградата преку ноќ, можат да се мониторираат и контролираат централно преку апликацијата.

Агенциите за еколошки рецензии на зградите ѝ дадоа оцена од 98,36%, највисок резултат за одржливост кој некогаш бил постигнат од зграда. Зградата беше завршена во 2014 година, а создава повеќе струја отколку што троши како резултат на дизајнот за заштеда на енергија и користењето на соларна и геотермална енергија.

Дневна светлина влегува преку стаклениот атриум висок колку 15 ката кој гледа на северна страна, додека пак од јужната страна и на кровот се поставени соларни панели кои ја конвертираат соларната енергија во струја. Вода за ладење и греење доаѓа од резервоар изграден под зградата.