Вакцината против Ковид-19 на компанијата Pfizer и познатото белгиско пиво Duvel се произведуваат од истата вода која двете компании ја извлекуваат од истиот подземен слој во белгискиот град Пурс, пренесуваат локалните медиуми.
Пурс, град во близина на Антверпен во Белгија, дошол во центарот на интересот на јавноста откако било објавено дека таму се наоѓа европското седиште на компанијата Pfizer во која се произведува вакцината против коронавирусот.
Во непосредна близина на Pfizer во Пурс се наоѓа и фабриката за производство на познатото белгиско пиво Duvel, а од локалниот водовод потврдиле дека двете компании ја користат истата вода.
Duvel извлекува подземна вода од слојот на длабочина од 63 метри, а Pfizer има дозвола за истиот слој на длабочина од 68 метри.
Малку на шега, малку сериозно, белгиските медиуми коментираат дека квалитетот на водата е пресудна за вкусот на пивото, додека за вакцината е неопходно водата да биде “ултра чиста”.