Европскиот регулатор почна процес на издавање лиценца за враќање во сообраќај на авионите Boeing 737 Max, што беа приземјени пред речиси две години по две тешки авионски несреќи.
Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА) постави голем број услови, вклучувајќи нова програма за обука на пилоти и ажурирање на софтверот MCAS.
Авионите Boeing 737 Max беа приземјени во март минатата година по несреќите во Индонезија и во Етиопија во 2018 и 2019 година во кои загинаа вкупно 346 лица.
Денешното соопштение на ЕАСА означува почеток на период од 28 дена, во кој ќе се соберат и потоа анализираат мислењата на националните власти и секторот за воздушен транспорт.
Доколку заклучокот од анализата е позитивен, официјалната постапка за враќање треба да започне во средината на јануари 2021 година.
Кога авионите навистина ќе започнат да летаат над Европа, ќе зависи од програмата за обука на пилоти и ажурирањето на софтверот.