Една од темите што деновиве најмногу го привлекува вниманието на информатичката заедница е неодамна претставениот Apple M1 чипсет, прв во низата на оние што ќе бидат одговорни за целосната трансформација на Mac и неговата транзиција на ARM. Веќе е многу напишано од гледна точка на пазарот и корисниците, а сега во приказната се вклучи и Microsoft – очекувано, бидејќи бројни корисници на Mac го користат канцеларискиот пакет Office.
Од Microsoft порачуваат дека канцелариските пакети Microsoft 365 и Office 2019 веќе сега можат да работат на Apple силикон. Доколку ги набават новите MacBook Air, MacBook Pro или Mac mini со M1 процесор, на корисниците им се препорачува да ја инсталираат најновата верзија на канцелариски апликации, кои исто така се оптимизирани за macOS Big Sur.
На новите Mac уреди, овие апликации ќе работат преку системот Rosetta 2, што ќе им овозможи на апликациите компилирани за чиповите на Intel да работат и на ARM инструкцискиот сет.
Дваесет секунди чекање
Меѓутоа – нема се да тече мазно по принципот „инсталирај, кликни, стартувај“. Сè додека Microsoft своите апликации во целост не ги префрли на новата архитектура, и додека не се нативно изведувани на ARM, корисниците би можеле да искусат моменти што претходно не морале да ги гледаат.
Имено, кога за првпат ќе стартувате Office апликација: Word, Excel, PowerPoint, Outlook, OneNote или OneDrive, првото лансирање на секоја од нив ќе трае малку подолго. Ќе биде потребно да се почека оперативниот систем да го генерира оптимизираниот код наменет за изведување на чипот на Apple.
На корисниците за тоа време – кое се проценува на отприлика 20 секунди – апликацијата што ја стартувале ќе им „потскокнува“ во dock-от, се додека OS не ги генерира потребните инструкции. По вака долгото прво стартување на секоја поедина апликација, секое нејзино следно покренување ќе биде значајно побрзо.
Microsoft веќе ја почна трансформацијата на своите канцелариски програми во облик на универзални апликации, кои подоцна, од истиот фајл, ќе можат нативно да се покренат и на Intel и Apple процесорите во Mac компјутерите.