Кога ќе поминат топлите денови, сите знаеме што најчесто следи: период на настинки и затнат нос. Но, оваа година таа позната појава може да биде и причина за загриженост, со оглед на пандемијата на коронавирус.
Факт е дека течењето и затнатиот нос се наведени како симптоми на коронавирус според Центарот за контрола и превенција на болести, но истовремено не се смета за еден од најчестите симптоми, смета д-р Неха Вајас. Затоа се поставува прашањето колку треба да бидеме загрижени ако нѝ тече носот, ако е затнат и ако киваме?
Еве што треба да знаете:
Колку често се јавува како симптом на коронавирус?
Засега нема точен податок колку заразени луѓе го имаат и овој симптом, но Светската здравствена организација вели дека постојат. На самиот почеток на пандемијата, научниците објавија резултати кои тврдат дека 4,8% од пациентите во Кина го пријавиле и овој симптом. Бројката е многу помала од симптомите како висока телесна температура (87,9%), сува кашлица (67,7%) и умор (38,1%).
Како да препознаете дали станува збор за симптом на коронавирус?
Како и многу други симптоми на Ковид-19, затнатиот нос не е специфичен симптом, што значи дека може да се поврзе со бројни болести. Ова е особено важно да се знае во период на алергии, грип, но и обична настинка.
Всушност, единствениот начин да дознаете дали станува збор за коронавирус е да се тестирате, а таа одлука ќе зависи и од други симптоми, околности и мислења на лекари. Важно е да го контактирате својот доктор, освен ако имате и некои потешки симптоми кои бараат итен медицински преглед.
Д-р Вајас наведува дека ако дојде пациент со наведениот симптом, најпрво ќе провери дали тој има и други симптоми на коронавирус, покрај општата здравствена состојба.
„Важно е да не се донесуваат заклучоци без проверка, па така секој лекар да го испраша пациетот дали постојат и симптоми на алергија и дали ги има истите проблеми секоја година кога ќе настапи есента“, додава докторката.
Покрај тоа, и вашите животни навики играат голема улога. Ако ги игнорирате упатствата за одржување на дистанца, не носите маска или не миете раце, тестот за коронавирус би требало да биде следниот чекор, заклучува докторката. Сепак, ако сте од оние што ги следат препораките, вашиот лекар веројатно нема веднаш да ве советува да се тестирате на коронавирус.