Индустрискиот дизајнер Берк Илхан го дизајнираше огледалото Smile Mirror за да го подигне расположението на пациентите болни од рак. Според CNN, oгледалото нема да го прикаже одразот на тој што стои пред него доколку не се смее. Огледалото изгледа како таблет. Има вградена камера и матна површина направена од паметен материјал, како и вградена технологија за препознавање лице.
Површината станува рефлективна како кај обично огледало само доколку софтверот препознае насмевка. Можете да го поставите на ѕид или на маса. Додека бил на Школата за визуелни уметности во Њујорк, Илхан направил концепт на портфолио со производи кои се наменети да го подобрат животот на билните од рак на емоционално и на социјално ниво.
Поминал и неколку недели во различни болници во Турција разговарајќи со пациенти, онколози и негуватели. Таму научил дека моралната и социјалната поддршка се два многу битни фактори кои позитивно влијаат на пациентите. Исто така, таму дознал дека смеењето е моќна алатка која може да го намали стресот и да го потикне имунолошкиот систем на пациентите. Искуството на болните од рак покажува дека на почетокот не можат да прифатат што им се случува и тешко им е да се соочат со себеси и да се погледнат во огледало.
Но, науката докажала дека доколку ги придвижиме мускулите за насмевка мозокот прима информација како да се случило нешто добро и како резултат на тоа чувствуваме среќа. Токму затоа Smile Mirror станува вистинско огледалo само доколку се смееме кога гледаме во него.
Засега Илхан го произведува огледалото во ограничени количини. Цената не е ни најмалку ниска и се движи од 2.000 до 3.000 долари. Но, за производот наскоро ќе стартува кампања на Kickstarter, каде што ќе може да се набави со донација од помалку од 500 долари.
Извор: Иновативност