„Ако болеста остане како што е сега, не гледам кој ќе сака да се вакцинира против нешто што не убива“, изјави францускиот инфектолог Дидие Раул и предизвика полемика.
Раул рече дека не знае дали вакцината воопшто ќе биде корисна. Тој исто така наведе дека вирусот сега е многу побезопасен отколку во февруари или март.
Во исто време, познатиот професор од Марсеј истакна дека не треба да се третира како некој што е против вакцините, пренесува „Новости“.
Францускиот инфектолог го објаснува зголемениот број на позитивни случаи во последно време со фактот дека сега се тестираат повеќе луѓе. „Оваа болест не е посмртоносна од другите респираторни вирусни заболувања, стапката на смртност е под два процентa“, рече Раул, кој е директор на Медитеранската клиника за инфективни болести во Марсеј.
Проблемот, според него, се појавува бидејќи овој вирус е непознат. Во Франција сè повеќе се пропишува да се носат маски, дури и на отворено. Раул верува дека би било подобро ако се препорача да се носат, а не да бидат наметнати како обврска, бидејќи смета дека тоа може да создаде конфликти во општеството.
„Ако маските можат да влеат доверба, тоа е една работа, но јас сум загрижен затоа што премногу сме фиксирани во таа насока“, истакна Раул, додавајќи дека најважно е миењето на рацете.
Многу негови француски колеги го критикуваат за тоа што го рече, потенцирајќи дека грипот и Ковид-19 не можат да бидат исти, затоа што не постои утврдена вакцина против коронавирусот за широките маси и дека не е педагошки да се критикуваат маски во време кога на тој начин се спречува појава на втор бран.
Извор: Макфакс