Потенцијалната вакцина од Универзитетот „Оксфорд“ против коронавирусот може да се појави до крајот на годината, но не е сигурно дека тоа ќе се случи, објави водечката лабораторија за развој на вакцини.
Експерименталната вакцина, лиценцирана од фармацевтската компанија „Астра зенека“, покажа дека го активира имунолошкиот систем во раната фаза на клиничките испитувања, што остава надеж дека вакцината би можела да биде готова до крајот на годината.
„Можно е вакцината да излезе до крајот на годината, но апсолутно не можеме да гарантираме дека тоа сигурно ќе се случи затоа што ни требаат три работи“, рече водачот на истражувањето, Сара Гилберт, за Би-би-си.
„Вакцината мора да се покаже како ефикасна и во подоцнежните фази на клиничките испитувања, треба да се произведат огромни количини и регулаторите треба да се согласат бргу да издадат дозвола за итна употреба“, објасни Гилберт.
„Сето тоа треба да се случи и да се совпадне пред да се вакцинираат голем број луѓе“, посочи таа.
Вчера, Би-би-си објави дека вакцината против коронавирус развиена од Универзитетот „Оксфорд“ е безбедна и го активира имунолошкиот систем.
Извор: Макфакс