Европската комисија ги прифатила правилата за имплементација на безжични пристапни точки кои покриваат мала област, т.н. мали антени, кои се неопходни за развој на 5G мрежата во Европа.
„Безжичната 5G мрежа претставува основа на социјалниот и економскиот развој за Европа бидејќи ќе овозможи нови услуги во медицината, енергетиката, транспортот, образованието и многу други области. Нивната важност е уште повидлива денес, бидејќи игра клучна улога во нашето закрепнување од кризата предизвикана од коронавирусот“, изјави комесарот на ЕУ за внатрешниот пазар, Тиери Претон.
„Заедно со земјите членки, ние мора да ги поставиме темелите за навремено лансирање на 5G технологијата, без ограничувачки административни бариери. Ова на крајот ќе создаде побарувачка во нашите индустрии и ќе ги зајакне европските иновации и конкурентност“, додаде Претон.
Како што истакнува Европската комисија, правилата ги прецизираат физичките и техничките карактеристики на малите келии на 5G мрежата. Со тоа би требало да се поедностави и забрза инсталацијата на 5G мрежата. Исто така, се смета дека таквите мрежи би требало да бидат ослободени од добивање дозволи за инсталација, но треба да останат под надзор на националните тела.
Комисијата посочува дека малите антени би требало да бидат поставени така што ќе го осигураат здравјето и сигурноста на луѓето, како и дека мора да ги исполнуваат строгите европски правила за изложеност на зрачење, кои се во просек 50 пати построги од меѓународните.
Извор: B92.net