Езеро во Индија, старо повеќе од 50.000 години, стана розово, а експертите сè уште немаат објаснување зошто се случило тоа.
Езерото Лонар во државата Махараштра одеднаш ја смени бојата пред неколку дена на изненадување на луѓето што живеат во областа.
Експертите веруваат, наведува Си-ен-ен, дека причината може да биде зголемување на соленоста на водата, процентот на алги или комбинација на овие два фактора, како што се случило со Големото Солено Езеро во Јута или со езерото Хилиер во Австралија.
Гајанан Карат, локален геолог, во видеото објавено на „Твитер“ од туристичката организација „Махараштра“ рече дека тоа се случувало и претходно, но дека не било толку изразено.
A 50,000-year-old lake in India just turned pink and experts don't know exactly why https://t.co/69oP09w3RH pic.twitter.com/vZkEheOW15
— CNN International (@cnni) June 12, 2020
„Изгледа езерото е црвено оваа година затоа што соленоста е зголемена“, рече тој додавајќи дека количината вода во езерото е намалена, соленоста е зголемена и тоа е причина за тие промени.
Карат спомена дека научниците го испитуваат присуството на црвени алги и дали тоа е причината за промена на бојата на водата.
Примероците беа испратени до неколку лаборатории, рече тој, и „откако ќе се проучи, само тогаш ќе можеме да кажеме со сигурност зошто водата во езерото стана црвена“.
Езерото, кое се наоѓа на 500 километри од Мумбај, беше формирано по падот на метеорит на Земјата пред речиси 50.000 години. Научниците од светот со години го истражуваат тоа, а со текот на времето стана популарна туристичка атракција.