Amazon ѝ забрани на полицијата да го користи нејзиниот софтвер за препознавање лица една година по соочувањето со притисок за време на немирите поради убиството на Џорџ Флојд, пренесува „Њујорк тајмс“.
Техничкиот гигант се надева дека мораториумот ќе му даде на Конгресот доволно време да донесе закон за регулирање на контроверзната технологија.
Софтверот „Рекогнишн“ на Amazon беше критикуван со години за расна и родова пристрасност, а студиите покажуваат дека погрешно ги идентификува Афроамериканците и Азијатите почесто од белите субјекти.
„Се залагавме владите да воспостават построги закони за регулирање на етичката употреба на технологијата за препознавање лица и во последните денови се чини дека Конгресот е подготвен да се соочи со овој предизвик. Се надеваме дека едногодишниот мораториум може да му даде на Конгресот доволно време за спроведување соодветни правила и ние сме подготвени да помогнеме ако биде побарано“, се вели во изјавата на Amazon.
Од промовирањето на „Рекогнишн“ во 2016 година Amazon ѝ го продаде својот систем и на полицијата како начин да ги лови криминалците и на агенциите за имиграција и царинско работење за да им помогне да ги таргетира или идентификува имигрантите.
Не е јасно колку агенции за спроведување на законот во моментот се потпираат на технологијата. Американската унија за граѓански слободи од 2018 година тврди дека Amazon тајно им ја продал моќната и опасна технологија на полициските оддели. АЦЛУ сега бара компанијата да се обврзе на неопределен мораториум додека не се донесе федералното законодавство.
„Беа потребни две години за Amazon да дојде до овој момент, но среќни сме што компанијата, конечно, ги препозна опасностите што ги претставува за лицата во црнечките и латинозаедниците и за граѓанските права. Заканата од оваа технологија за надзор по нашите граѓански права и граѓанските слободи нема да исчезне за една година“, рече Никол Озер, директор за технологија и граѓански слободи на АЦЛУ.
Amazon не одговори веднаш на барањето за коментар.