Европската вселенска агенција (ESA) истакнува дека урината на астронаутите би можела да биде корисна состојка за правење бетон, кога ќе се гради база на Месечината.
ESA соопшти дека истражувачите во неодамнешна студија откриле дека уреата, главно органско соединение во урината, би го олеснило создавањето смеса за „лунарниот бетон“.
Таквото користење на урината, која веќе би била на местото на изградба на Месечевата база, би ја намалило потребата за транспорт на вода од Земјата, и би ја намалило и цената на мисијата.
Главната состојка на „лунарниот бетон“ би бил прашкаст материјал на Месечевата површина, наречен „лунарен реголит“.
Реголит (грчки: „прекривач на карпи“) е растресен слој од разнороден материјал, делумно настанат од раздробениот и ситно издробен камен. Го има на Земјата, другите планети, на Месечината, астероидите.
Едноставно и економично
ESA наведе дека уреата „може да ги разбие водните врски и да го намали вискозитетот на течните мешавини“ и со тоа би се намалила количината на вода потребна за изработка на бетон.
„Благодарение на идните жители на Месечината, литар и половина течниот отпад кој човекот го создава секојдневно би можел да стане ветувачки нуспроизвод за истражување на вселената“, наведе ESA во минатонеделното соопштение.
„Се надеваме дека урината на астронаутите би можела да се користи во идната база на Месечината, со помало прилагодување на содржината на водата“, изјави коавторката на студијата, Марлиз Арнхоф. „Тоа е многу практично решение затоа што со него се избегнува потребата за дополнително комплицирање на сложените системи за рециклажана водата за астронаутите“ додаде таа.