Доколку сакате таблет кој може да извршува работи на лаптоп, но со флексибилноста и пристапноста на iPad, тогаш ќе го сакате iPad Pro

Kога „Епл“ го претстави оригиналниот iPad во 2010 година, тој беше позициониран на место некаде помеѓу iPhone и MacBook. Тоа беше очигледно, но сепак и проблем, бидејќи луѓето си ги сакаа своите смартфони и лаптопи. Единствен начин iPad да успее, како што истакна Стив Џобс на тогашната презентација, е доколку тој е доста подобар од смартфон или лаптоп во извршување на неколку клучни работи.

За разлика од првиот iPad од 2010, iPad Pro претставува алтернатива на MacBook. Тој е следниот чекор во еволуцијата на таблетот на „Епл“. Тој е поголем, помоќен и попродуктивен дисплеј. Но, исто така, ова е прв чекор на кој му е потребен и соодветен софтвер за да го стигне хардверот. Доколку сакате лаптоп, треба да си останете со лаптоп, а доколку сакате таблет кој може да извршува работи на лаптоп, но со флексибилноста и пристапноста на iPad, тогаш ќе го сакате iPad Pro.

iPad Pro продолжува со еволуцијата на дизајнот претставен со iPod Touch и iPad Mini во 2012, а потоа пренесен и на iPad Air во 2013. Донесува заоблено правоаголно алуминиумско тело долго 305,7 мм, широко 220,6 мм и со дебелина од само 6,9 мм. Вајфај-верзијата која ја имавме на тест тежи 713 грама, а има и модел со вградена 4Г-конективност со тежина од 723 грама. Тежи приближно колку оригиналниот iPad, но бидејќи се работи за многу поголема површина, во рака изгледа дека е доста полесен.

IPad Pro е огромен. Кога прв пат го видов на биро, помислив дека личи на екранот на MacBook без тастатура. Со малку над 700 грама е 62,6 проценти потежок од iPad Air 2, а кога се користи во лендскејп-ориентација, 12,9- инчниот ретина-дисплеј е околу 6,5 проценти поширок од Air 2. Разликата во големината меѓу двата таблета е очигледна и уште повеќе доаѓа до израз кога го користите iPad Pro.

iPad Pro го донесува најголемиот мултитач-дисплеј на „Епл“ досега – 12,9 инчи со резолуција од 2732х2048 пиксели и густина на екранот од 264 пиксели по инч. Оваа резолуција донесува импресивни 5.595.136 пиксели што е повеќе дури и од 15 инчниот MacBook Pro, чиј дисплеј има 5.184.000 пиксели. Дисплејот е светол, боите се живи и реални, а текстот е толку остар, при што се добива впечаток дека во рака држите и читате печатен магазин без притоа да се забележуваат пикселите.

iPad Pro доаѓа во истите бои како iPad Air 2, iPad Mini 4 и новиот 12-инчен MacBook. Тоа се црна боја однапред и спејгреј алуминиум одзади, како и бела боја со сребрена или златна завршница на задниот дел. За разлика од помалите таблети, донесува одредени промени во дизајнот, како на пример четирите звучници, по два на врвот и дното на уредот, па како и да го свртите таблетот звукот е стерео. Новиот систем на звучници е една од најимпресивните работи кај iPad Pro, бидејќи звукот е посилен и почист не само од таблетите, туку и во споредба со сите лаптопи во серијата MacBook.

За разлика од 7,9-инчниот Mini и 9,7-инчиниот Air, кои беа наменети првенствено за консумирање содржини, Pro е за луѓе кои сакаат да бидат продуктивни со својот таблет. Во прилог на тоа одат и новите опции за мултитаскинг во iOS 9 – Slide over, Split view и Picture in picture. Slide over овозможува додека работите во една апликација, со повлекување на прстот од десната страна на екранот да отворите втора апликација, при што првата станува неактивна, додека Slide view овозможува да се работи со две апликации истовремено. Слика во слика, пак, е опција да може да се гледа видео во посебен и намален прозорец додека сте во која било апликација. Една од забелешките досега е тоа што голем број од апликациите во App Store се’ уште не се оптимизирани за да работат со овие опции и програмерите ќе треба да ги апдејтуваат за да ги користат овие придобивки во iOS 9. Исто така, голем дел од апликациите не се оптимизирани за резолуцијата на iPad Pro, па изгледаат како зголемени и матни наменети за iPad Air.

Виртуелната тастатура на iPad Pro е доста подобрена од онаа кај помалите таблети, со оглед на тоа што екранот е доволно голем да може да ги собере сите команди како кај стандардните физички тастатури.

Процесорот A9X што се наоѓа во iPad Pro е исклучително моќен и брз и тоа се забележува при манипулацијата на корисничкиот интерфејс и стартувањето апликации. Се работи за процесор дуал кор, кој работи на 2,25 гигахерци, поседува дури 12 графички јадра и го прави iPad Pro убедливо најбрз меѓу сите уреди iOS. И покрај ваквите перформанси, траењето на батеријата не е намалено и, според моите тестови, трае нешто повеќе од 10 часа, што е слично како и кај помалите таблети на „Епл“.

При тестирањето ги немав на располагање двете клучни аксесоари за iPad Pro, смарт-тастатурата и специјалното епл-пенкалце, наречено пенсил. Преку посебниот смарт-конектор, таблетот се приклучува на тастатурата, што е доста луцидно, бидејќи не се работи за безжична конекција и не треба да се грижиме дека ќе се испразни батеријата во тастатурата. iPad Pro вака потсетува на лаптоп, а со истите кратенки на тастатурата како кај MacBook лаптопите може да се движиме низ апликациите, да го активираме полето за пребарување, да се враќаме на првичниот екран со апликации и воопшто да управуваме со оперативниот систем преку тастатурата. Епл пенсил е посебно наменет за луѓе кои знаат да цртаат и креираат, а може да се користи и за кликање на екранот наместо да се користи прстот како и за скролање по дисплејот.

Доколку мислите дека iPad Pro е само поголем iPad, ја промашувате поентата. Се работи за комплетно нов обид за поттикнување на продуктивноста и бизнис-пазарот за iPad. Таблетот Pro прави исто што и помалите уреди, но неговата големина, посебно во комбинација со смарт- тастатурата и пенсил, нуди бенефити за кои помалите таблети може само да сонуваат. Некои ќе го сакаат поради поголемиот екран и поголемото уживање при сурфањето, гледањето фотографии и видеа, читањето книги и магазини, но она што посебно го истакнува е фактот што на iPad Pro може да се заврши голем дел од работата, за која е потребен лаптоп или десктоп- компјутер.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ:

Големина на екран: 12,9 инчи
Резолуција: 2732х2048 пиксели
Процесор: Дуал кор А9X
РАМ-меморија: 4 ГБ
Флеш-меморија: 32 ГБ / 128 ГБ
Камера: 8 мегапиксели (задна) / 1,2 мегапиксели (предна)
Оперативен систем: iOS 9
Димензии: 305,7 х 220,6 х 6,9 милиметри
Тежина: 713 грама/723 грама (модел со 4G)

ПРЕДНОСТИ

– Прекрасен 12,9-инчен ретина-дисплеј
– Моќен процесор A9X
– Одлично изведен мултитаскинг во iOS 9
– Батеријата трае повеќе од 10 часа
– Смарт-тастатурата и епл пенсил ја зголемуваат продуктивноста

НЕДОСТАТОЦИ

– Скапа цена
– Поради големите димензии, iPad Pro не е практичен за држење во раце подолго време
– Аксесоарите не се вклучени во основната цена