Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја предводи македонската делегација на Глобалниот Самит за вештачка интелигенција во Сеул, Република Кореја.

Андоновски се обрати на Министерскиот состанок во рамки на Глобалниот самит и повика владите да обезбедат основно ниво на бесплатен пристап до корисни алатки за вештачка интелигенција, почнувајќи од образованието, развојот на вештини и пристапот до јавни услуги.

Во своето обраќање, Андоновски предупреди дека постои ризик вештачката интелигенција да го продлабочи јазот меѓу побогатите земји и економиите во развој, како и меѓу граѓаните со различни приходи.

„Земјите што имаат средства да вложуваат во напредни алатки, пресметковни капацитети и вештини можат забрзано да напредуваат, додека економиите во развој дополнително да заостануваат. Талент постои во секоја држава, но можноста да се пристапи до вештачка интелигенција не е еднаква за сите“, истакна Андоновски.

Министерот нагласи дека достапноста на вештачката интелигенција мора да стане јасен развоен приоритет, а како можни механизми ги посочи заедничкото користење пресметковни ресурси, регионалниот пристап и националните програми за развој.

Во тој контекст, Андоновски го претстави значењето на „Везилка“, македонската антена поврзана со европските фабрики за вештачка интелигенција. Преку неа, компаниите и јавните институции се поврзуваат со европски суперкомпјутерски ресурси, добиваат поддршка за развој на практични решенија и се создаваат јазични модели и податочни збирки на македонски јазик.

Осврнувајќи се на суверенитетот на податоците, министерот истакна дека тој подразбира способност државата да ги развива и проширува сопствените дигитални решенија, да ги заштитува информациите на граѓаните и со доверба да соработува со меѓународните партнери.

„Можноста да се користат придобивките од вештачката интелигенција не смее да зависи од богатството на една држава или од приходите на едно семејство“, заклучи Андоновски.

На маргините на самитот, министерот Андоновски ќе оствари и билатерални средби со заминикот претседател на Светска банка, претставници на Република Кореја и колеги министри, на кои ќе разговара за продлабочување на соработката во дигиталната трансформација и вештачката интелигенција.