Ирската Комисија за заштита на податоци (DPC) му изрече парична казна на Google во висина од 403 милиони евра поради кршење на правилата на Европската унија за приватност во врска со обработката на податоците за локацијата на корисниците.
Ирското регулаторно тело – кое ја надгледува заштитата на податоците за повеќето големи американски технолошки компании во ЕУ – утврди дека во периодот меѓу 2018 и 2020 година, Google ги прекршил одредбите од Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) преку три функции: „Активност на веб и во апликации“ (Web & App Activity), „Историја на локација“ (Location History) и „Точност на локација“ (Location Accuracy).
Од DPC наведоа дека, поради пропустите на Google, корисниците можеби не биле свесни оти податоците за нивната локација се користат – меѓу другото – за прикажување реклами или за извлекување заклучоци за нивните интереси, пренесува Ројтерс.
Регулаторот исто така оцени дека чувањето на податоците за локација подолго отколку што е потребно дополнително ја загрозило контролата на корисниците врз нивните лични податоци. На компанијата ѝ беше наложено во рок од шест месеци да ја усогласи обработката на корисничките податоци со правилата на ЕУ.
Истрагата беше покрената во 2020 година по поплаки од неколку европски организации за заштита на потрошувачите, вклучително и паневропската групација BEUC. Од DPC додадоа дека истовремено спроведуваат уште три регулаторни истраги против истата компанија и дека тие постапки се во напредна фаза.
