На своите телефони чуваме документи, финансиски податоци, па дури и записи од разговори со вештачка интелигенција, но сепак, една работа претставува сериозен ризик за нас.

Најновото глобално истражување на компанијата Kaspersky покажува дека дури 58 отсто од корисниците го избрале паметниот телефон како свој примарен уред за пристап до интернет, ставајќи го компјутерот во втор план.

Овој тренд е најизразен кај генерацијата Z (на возраст од 18 до 28 години), каде што 67 отсто од испитаниците го користат телефонот како примарен уред. Сепак, додека мобилните телефони ја преземаат улогата на компјутерите, експертите за сајбер-безбедност предупредуваат дека свеста и навиките на корисниците во однос на заштитата на податоците не го следат чекорот со овој брз раст.

Денес, на нашите паметни телефони чуваме речиси сè – од лични спомени до доверливи деловни информации. Истражувањето открива дека 65 отсто од луѓето чуваат фотографии и видеа на своите телефони, 55 отсто чуваат контакти, а 41 отсто чуваат лични документи, како што се пасоши и лични карти. Интересно е што 54 отсто од корисниците пристапуваат до работните е-мејлови и системи преку своите телефони, додека една третина користат финансиски услуги. Со зголемената популарност на алатките со вештачка интелигенција, една четвртина од корисниците на своите телефони чуваат и историјат на разговори со вештачката интелигенција.

„Денес, нашите паметни телефони служат како целосно опремени дигитални асистенти кои се вклучени во речиси секој аспект од нашите животи. Податоците што им ги доверуваме далеку ги надминуваат фотографиите или текстуалните пораки. Затоа, главното прашање веќе не е ’што чуваме‘, туку ’како тоа го штитиме‘“, истакнува Раде Фуртула, presales менаџер за Западен Балкан во Kaspersky, нагласувајќи дека безбедноста мора да стане составен дел од самиот уред.

Ризиците се зголемуваат, факт потврден со податоците кои покажуваат дека само во првиот квартал од 2026 година биле спречени над 2,67 милиони напади врз мобилни уреди, а биле откриени повеќе од 306.000 злонамерни инсталациски пакети. Следствено, експертите нагласуваат дека на мобилните телефони им е потребна заштита исто толку сеопфатна како и на компјутерите, вклучувајќи сигурен антивирусен софтвер и системи за откривање фишинг-линкови во реално време.

За да ги заштитите вашите податоци, Kaspersky препорачува три златни правила: никогаш не чувајте важни податоци исклучиво на телефонот – наместо тоа, користете безбедно складирање во облак (cloud) и Password Manager трезори; инсталирајте проактивна заштита од дигитални закани; и секогаш преземајте превентивни мерки за случај уредот да ви биде изгубен или украден – активирајте ја функцијата „Find My Device“ (Најди го мојот уред), поставете автоматско заклучување на екранот и редовно правете резервни копии на податоците.