Протечените податоци вклучуваат бета верзии и готови игри од компанијата Valve, како и од независни дивелопери.

Протечена е вистинска ризница од податоци од Steam, која наводно содржи сè објавено на Steam помеѓу 2003 и 2013 година. Протекувањето вкупно изнесува над 12TB податоци и вклучува бета верзии, како и целосно готови игри од сопствените франшизи на Valve, вклучувајќи ги Half-Life, Left 4 Dead и Portal.

Каталогот на GitHub ги собра повеќето наслови, вклучувајќи игри од големи франшизи како Call of Duty, Fallout и Civilization, како и дела од независни (инди) развивачи.

Самата големина на податоците значи дека луѓето сè уште ја пребаруваат содржината, но интернет истражувачите досега открија детали за необјавената игра F-Stop на Valve, чиј гејмплеј се врти околу камера која може да манипулира со предмети во реалниот свет. Секако, во базата на податоци има и навестувања за долгоочекуваното продолжение на франшизата Half-Life, но тие се однесуваат на Half-Life 2: Episode 3, која требаше да биде последната игра во серијата, но подоцна беше откажана.

Имаше многу објави на социјалните мрежи за ова протекување на податоци од Steam, но Valve сè уште не коментираше за тоа, па затоа сите овие информации треба да се земат со резерва.

Според корисникот на X, Гејб Флоуер, протекувањето било можно благодарение на јавно достапна точка за пристап. Овој корисник објасни дека затоа гледаме само датотеки до и вклучително и 2013 година, бидејќи Valve во тоа време се префрлил на различен систем за складирање податоци.