Google полека ја носи една од најпрепознатливите функции од десктоп верзијата на својот прелистувач на мобилните уреди – лентата со обележувачи (Bookmarks bar).

Иако Google Chrome на Android со години нудеше пристап до зачувани страници, процесот отсекогаш бараше неколку чекори: отворање на менито (три точки), потоа одење во делот за Bookmarks. Новата промена ги носи кратенките директно „пред“ корисниците, веднаш под лентата за адреси (Omnibox).

Функцијата е дизајнирана да го отсликува искуството на компјутер. Корисниците ќе можат да ги видат своите најважни страници по ред, што значително ја забрзува навигацијата. Според извештаите од порталот Neowin, опцијата се појавува во поставките под ставката Appearance (Изглед), каде што корисниците ќе можат да го вклучат или исклучат прекинувачот „Show bookmarks bar“.

Сепак, не сите корисници на Android ја добија оваа функција истовремено. Засега, лентата со обележувачи е значително оптимизирана и достапна првенствено за уреди со поголеми екрани, како што се таблети и преклопни телефони.

Причината е логична – на стандардните екрани на паметни телефони, вертикалниот простор е многу потребен, па затоа фиксната лента дополнително би ја намалила површината за прикажување на самата веб-содржина. Од друга страна, кај таблетите, Chrome сè повеќе се стреми да стане целосна замена за десктоп искуството, особено со користење на надворешна тастатура и глушец.

Google сè уште официјално не потврди дали и кога оваа опција ќе стане стандардна за сите телефони, но со оглед на тоа што функцијата се воведува серверски (side-update), се очекува да стане достапна за повеќе корисници во наредните недели.