Шкотската влада започна јавна консултација за нов закон кој би можел драстично да го промени начинот на кој се третира содржината генерирана од вештачка интелигенција.
Според предлогот, самото создавање на „deepfake“ експлицитни снимки и фотографии би станало кривично дело, дури и ако материјалот никогаш не заврши онлајн.
Додека сегашните закони генерално го казнуваат споделувањето (дистрибуцијата) или уценувањето со таков материјал, новиот предлог оди чекор назад во синџирот на одговорност – до самиот чин на генерирање. Целта е да се справи со растечкиот феномен на користење на AI алатки за „соблекување“ луѓе без нивна согласност, што документ на шкотската влада го опишува како „однесување кое често се користи на манипулативен начин за контрола и злоупотреба“.
Она што би можело да ја потресе технолошката заедница е размислувањето за криминализирање на самите дигитални алатки чија единствена цел е создавање интимна содржина. Ова би значело дека развивачите и дистрибутерите на софтвер што служи исклучиво за генерирање лажна порнографија би можеле да се соочат со сериозни правни последици.
Министерката за правда на Шкотска, Анџела Констанс, нагласи дека ова е неопходен чекор бидејќи технологијата се развива побрзо од законската рамка.
„Каде и да напредува технологијата, не смееме да дозволиме нови алатки да се користат за манипулирање со човечката слика со цел понижување. Со фокусирање на креирање слики, а не само на нивно споделување, испраќаме јасна порака дека ова однесување е неприфатливо“, рече Констанс.
Доколку законот се усвои, Шкотска ќе стане една од првите земји што ќе ја криминализира самата „намера“ и поседување дигитално генериран навредлив материјал. Јавната консултација трае до 19 јуни, а се очекува технолошките гиганти внимателно да го следат исходот, бидејќи овој преседан би можел да стане модел за регулирање на вештачката интелигенција низ цела Европа.
Покрај проблемот со „deepfake“, новиот правен пакет вклучува и построги казни за семејно насилство врз бремени жени, како и воведување посебно кривично дело за „spiking“ (додавање супстанци во пијалаци).
Поврзани артикли
