Паметните телефони и таблетите на Apple добија официјално одобрение од НАТО за ракување со чувствителни информации, што ги прави првите потрошувачки уреди во светот со ова ниво на безбедносен сертификат.
Apple постигна значаен пресврт во областа на сајбер безбедноста откако iPhone и iPad беа официјално вклучени во Каталогот на производи за обезбедување информации на НАТО (Information Assurance Product Catalogue). Ова значи дека овие уреди сега можат да се користат во рамките на НАТО алијансата за работа со податоци означени како „NATO Rrestricted“.
Она што го прави овој сертификат посебен е фактот дека iPhone и iPad, кои работат на оперативните системи iOS 26 и iPadOS 26, ги исполнуваат строгите безбедносни стандарди без потреба од модификации или инсталирање на дополнителен специјализиран софтвер. Apple успеа да ги убеди експертите од НАТО дека нивните вградени функции, како што се енкрипција, Secure Enclave и биометриска автентикација, се доволни за заштита на доверливите воени и дипломатски комуникации.
Одлуката на НАТО следеше по ригорозните технички проценки спроведени од страна на германската Федерална канцеларија за безбедност на информациите (BSI). Германија претходно одобри уреди на Apple за употреба во своите владини структури, а нивните детални тестови послужија како основа за поширока сертификација на ниво на Алијансата.
„Безбедната дигитална трансформација е успешна само ако безбедноста на информациите се земе предвид од самиот почеток на развојот на производот“, изјави Клаудија Платнер, претседател на BSI, потврдувајќи дека оперативните системи на Apple ги поминале најстрогите тестови.
Со ова одобрение, iPhone и iPad станаа единствените мобилни уреди од ваков вид признати како доволно безбедни за пристап до воени е-пошти, календари и контакти во рамките на мрежите на НАТО.
Apple продолжува да ја подобрува приватноста на своите корисници, а најновото ажурирање на системот (iOS 26.3) воведе и функција што ги спречува мобилните оператори да ја следат прецизната локација на корисниците, дополнително зајакнувајќи ја заштитата од потенцијални сајбер напади и неовластено следење.
Поврзани артикли
