Не е јасно дали Пекинг сака целосна забрана или само разгледува некаков вид ограничување.

Кинеските царински власти ги известија службениците дека за чиповите за вештачка интелигенција (AI) од американската компанија Nvidia не e дозволен влез во земјата, објави „Ројтерс“.

Според луѓе запознаени со ситуацијата, кинеските владини претставници, исто така, ги повикале претставниците на домашните технолошки компании на состаноци каде што им било експлицитно наложено да не купуваат американски чипови освен ако не е апсолутно неопходно.

„Формулацијата на официјалните лица е толку строга што засега станува збор за забрана за влез на чипови од американската компанија, иако ова би можело да се промени во иднина ако работите се развиваат поинаку“, рече еден од изворите.

Агенцијата забележува дека H200, вториот најмоќен чип за вештачка интелигенција на Nvidia, е една од најкритичните точки во сегашните односи меѓу САД и Кина.

Иако постои силна побарувачка од кинеските компании, останува нејасно дали Пекинг сака целосно да ги забрани чиповите за да можат домашните производствени компании да се развиваат или сè уште размислува за некаков вид ограничување.

Исто така, постојат шпекулации дека овие мерки би можеле да се користат како преговарачка тактика во разговорите со Вашингтон.

Извозот на гореспоменатите чипови во Кина, кој беше формално одобрен со одредени услови од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, е исто така горливо прашање во САД.

Изворите, кои зборуваа под услов на анонимност поради чувствителноста на прашањето, рекоа дека властите во Пекинг не дале никакви причини за нивните директиви, ниту дале некаква индикација дали станува збор за формална забрана или за привремена мерка.