Двата гиганти повторно доминираа на пазарот на паметни телефони во 2025 година.

Глобалните испораки на паметни телефони пораснаа за 2 проценти на годишно ниво во 2025 година, втора година по ред на раст, поттикнати од поголемата побарувачка за премиум уреди и забрзаното усвојување на 5G технологијата на клучните пазари во развој.

Apple беше водечки производител во 2025 година со пазарен удел од 20 проценти и 10 проценти раст на испораките на годишно ниво, што е највисок раст меѓу првите пет брендови, според извештајот објавен од Counterpoint Research.

Растот на Apple беше поткрепен од силната побарувачка на пазарите во развој и средните пазари, како и од успехот на серијата iPhone 17, со солидни перформанси од iPhone 16 во Јапонија, Индија и Југоисточна Азија.

Samsung се најде на второто место со пазарен удел од 19% и стапка на раст од 5%, со стабилна побарувачка за неговата серија Galaxy A во средниот сегмент, додека моделите Galaxy S25 и Fold7 помогнаа да се зајакне нејзината позиција во премиум сегментот.

Кинескиот Xiaomi остана трет со пазарен удел од 13%, со стабилни испораки благодарение на отпорната побарувачка во земјите во развој и избалансираната понуда на уреди.

Во четвртиот квартал од 2025 година, пазарот на паметни телефони забележа скромен раст од 1% на годишно ниво, при што Apple постигна рекорден квартален удел од околу 25% од глобалните испораки, додека Samsung беше втор со 17%.

Производителите на паметни телефони ги забрзаа испораките на почетокот на годината поради загриженост за царините, но нивното влијание во текот на годината беше послабо од очекуваното, а испораките останаа во голема мера стабилни во втората половина од 2025 година, наведе Counterpoint на својата веб-страница.

Аналитичарите се претпазливи во врска со развојот на настаните во 2026 година, предупредувајќи на недостиг на DRAM и NAND меморија и повисоки трошоци за компоненти, бидејќи производителите на чипови сè повеќе се фокусираат на производство за AI центри за податоци.

Цените на меморијата пораснаа за дури 50 проценти на годишно ниво во четвртиот квартал од 2025 година, а трендот ќе продолжи, што би можело да ги зголеми цените на телефоните и да влијае на испораките.