По неговиот проект Worldcoin насочен кон скенирање на очното јаболко, Сем Алтман, извршен директор на OpenAI, сега го насочува своето внимание кон уште поамбициозна цел: скенирање на човечки мисли. Неговиот нов стартап, Merge Labs, развива интерфејс мозок-компјутер кој наводно користи ултразвук за читање на мозочната активност, објавува Futurism.
Револуција без импланти
За разлика од конкурентските проекти кои се потпираат на хируршки импланти, како што е Neuralink на Илон Маск, Merge Labs на Алтман истражува целосно неинвазивен метод. Клучна фигура во потфатот е Михаил Шапиро, познат биомолекуларен инженер од Калтех, кого Алтман го регрутирал да се приклучи на основачкиот тим.
Специјалитетот на Шапиро е користење на генска терапија за да се направат клетките видливи за ултразвучно снимање, со што се избегнува потребата од имплантирање физички електроди во мозокот. Во неодамнешен говор, Шапиро објасни дека е „полесно да се воведат гени во клетките“ за да реагираат на ултразвук, отколку да се имплантираат физички електроди во мозокот.
Директна конкуренција на Neuralink на Маск
Алтман, чие долгогодишно соперништво со Маск е добро познато, јавно го критикуваше пристапот на Neuralink. Во едно интервју во јули, тој рече дека „дефинитивно не би всадил нешто во мојот мозок“ што би убило неврони. Затоа, неговиот стартап претставува директен предизвик за визијата на Маск, нудејќи алтернатива што би можела да биде поприфатлива за пошироката јавност.
Амбиции, пари и визија за иднината
Името на стартапот, Merge, е референца на популарната идеја за точка во иднината кога луѓето и машините ќе се спојат во едно. Алтман пишуваше опширно на оваа тема уште во 2017 година, предвидувајќи дека ова би можело да се случи веќе во 2025 година или најдоцна во 2075 година. Тој е ко-основач на Merge Labs со Алекс Бланија, кој исто така го води неговиот blockchain стартап за скенирање очи, Worldcoin.
Плановите за финансирање се исто така амбициозни. Merge се стреми да собере 250 милиони долари од OpenAI, со проценка на вредноста на компанијата од 850 милиони долари. Сепак, изворите велат дека самиот Алтман нема лично да инвестира во компанијата, ниту да има секојдневна улога во нејзиното работење, а преговорите се уште се во рана фаза.
И покрај критиките упатени кон Neuralink, Алтман не го крие својот ентузијазам за технологијата што ги поврзува мислите и вештачката интелигенција. Неговата крајна визија е јасна. „Би сакал да можам да мислам нешто, а ChatGPT да одговори на тоа“, рече тој.
фото: принтскрин
Поврзани артикли
