Папата Лав го отфрли предлогот за креирање на неговиот аватар со помош на вештачка интелигенција, предупредувајќи дека таквата технологија може сериозно да го загрози идентитетот на една личност.
„Ако има некој што не треба да биде претставен од аватар, би рекол дека папата е на врвот на листата“, рече поглаварот на Римокатоличката црква, според Политико.
Тој откри дека некој го замолил за дозвола да создаде „вештачки папа“ што ќе му овозможи да прима секого на приватна аудиенција.
Како што раскажа во едно интервју, суштината на предлогот беше дека папа создаден со вештачка интелигенција ќе одговара на прашањата на луѓето, што тој одби да го одобри.
Откако стана папа во мај, Лав повеќе пати изрази загриженост за потенцијалното влијание на вештачката интелигенција врз човештвото, особено кога станува збор за благосостојбата на децата и младите.
За време на телефонскиот разговор со италијанската премиерка Џорџа Мелони кон средината на мај, папата разговараше и за соработка со владата во Рим за развој на вештачка интелигенција што има етика и му служи на човештвото.
Тој, исто така, предупреди за влијанието што вештачката интелигенција може да го има врз човечкиот идентитет и работните места на луѓето.
„Човечкото достоинство е многу значајно поврзано со работата што ја работиме. Ако го автоматизираме целиот свет, а тоа може да го направи многу мал број луѓе… тогаш имаме голем, огромен проблем што ни претстои“, заклучи папата.
Поврзани артикли