Microsoft најави промена што ќе влијае на голем број корисници.
Microsoft официјално објави дека поддршката за Office 2016 и Office 2019 ќе заврши на 14 октомври 2025 година. Ова значи дека овие популарни пакети, кои сè уште ги користат голем број корисници ширум светот, повеќе нема да добиваат безбедносни закрпи, техничка поддршка или какви било ажурирања.
Оваа одлука важи и за придружните апликации како што се Visio и Project во верзии од 2016 и 2019 година. По споменатиот датум, корисниците ќе бидат изложени на поголеми ризици, особено во областа на кибербезбедноста и компатибилноста со поновите системи.
Microsoft истакнува дека продолжувањето на користењето на застарени верзии може да доведе до зголемена ранливост на хакерски напади, проблеми со компатибилноста на документите и ризици за усогласеност со безбедносните и регулаторните стандарди.
На корисниците им се препорачува да се префрлат на Microsoft 365 Apps, претплатничка верзија на пакетот Office која постојано се ажурира. За оние кои не сакаат модел на претплата, достапен е Office 2024, лансиран во октомври минатата година за домашни и деловни корисници.
Дополнително, за компаниите и институциите на кои им се потребни долгорочни решенија, постои Office LTSC 2024 (Long-Term Serviceing Channel), со поддршка обезбедена до 9 октомври 2029 година.
Со оглед на тоа што Office 2016 и 2019 се сè уште многу популарни меѓу голем број корисници, особено во помалите компании, се очекува оваа промена да влијае на голем број луѓе. ИТ експертите предупредуваат дека одложувањето на транзицијата кон понови верзии може да биде скапо – од потенцијални безбедносни закани до губење на важни податоци.
Поврзани артикли