Rolex Submariner владее со светот на часовниците седум децении, виден на зглобовите на професионални нуркачи, колекционери и модни икони. Дали постои алтернатива?

Одговорот на прашањето од воведот би можел да биде да кога ќе го воведеме овој часовник во равенката – Tudor Black Bay.

Дизајниран и произведен од сестринската компанија на Rolex, Black Bay ја доловува суштината на винтиџ часовниците за нуркање, а воедно им нуди на ентузијастите модерен инженеринг што го посакуваат, по многу поприфатлива цена, пишува The Manual.

Еден век традиција
Tudor е основан од Ханс Вилсдорф во 1926 година со мисија да им понуди квалитет на Rolex на оние кои го сакаа по поприфатлива цена. Раните модели на Tudor користеа куќишта и нараквици на Rolex, додека брендот градеше своја нишка во индустријата.

Денешните модели се одликуваат со уникатни дизајни и технички компоненти кои сведочат за децении иновации. Колекцијата Black Bay, претставена во 2012 година, денеска е водечка во брендот, спојувајќи децении нуркачко наследство со најсовремена технологија.

Од „снежните“ стрелки, инспирирани од моделите што Tudor ги правел за француската морнарица во 1970-тите, до куполните сафирни кристали и фино полираните челични куќишта, секој детаљ раскажува приказна.

Брендот е длабоко вкоренет во традицијата и е познат по своето внимание кон деталите – црвениот триаголник на рамката или текстилните ремени направени на разбои од 19 век се потсетници дека ова е часовник дизајниран со грижа, кој го заслужува своето место на сонцето.

Колекционерски сон
Вредноста за парите е една од најголемите предности на Black Bay. Цените за тековните Rolex Submariners почнуваат од околу 8.500 евра, а на пазарот на часовници од втора рака достигнуваат значително повисоки износи. Од друга страна, Tudor Black Bay, во зависност од моделот, може да се најде во опсег од околу 2.500 до 5.000 евра.

Пониската цена не значи пониски стандарди. Поновите модели на Black Bay доаѓаат со импресивни „внатрешни“ механизми. Калибарите MT5602 и MT5652 се одликуваат со резерва на енергија од 70 часа, антимагнетни силиконски пружини и хронометриска прецизност.

Исто така, вреди да се напомене дека многу часовници Tudor се водоотпорни до 200 метри, што ги прави подеднакво погодни за морски авантури, канцелариска работа или вечера во луксузен ресторан.

Black Bay Fifty-Eight (58) ужива култен статус поради својата компактност со куќиште од 39 мм, додека Black Bay GMT е популарен за патување бидејќи има независна стрелка за локално време.