Компанијата Meta разви револуционерен уред кој им овозможува на корисниците да контролираат компјутери, телефони и други паметни уреди – без да мора да ги допираат.

Станува збор за паметна нараквица која користи електрични сигнали од мускулите на подлактицата (т.н. sEMG технологија) за да ги „прочита“ намерите на корисникот и да ги претвори во команди. Корисникот треба само да размисли за движење на прст или правење гест – уредот го регистрира тоа и реагира.

„Ова е најпрецизниот интерфејс човек-компјутер кој не бара никаква инвазивна процедура“, рече Том Рирдон, еден од истражувачите во Meta Reality Labs, кој претходно работеше на развојот на прелистувачот Microsoft Edge.

Според научното списание Nature, Meta собрала десетици илјади примери на кориснички гестови за време на тестирањето, што овозможило алгоритмите да бидат обучени без потреба од прилагодување на уредот за секој корисник.

Тестовите покажаа дека корисниците можат да „пишат“ до 20 зборови во минута користејќи само рака – без тастатура или глушец. Технологијата препознава дури и многу суптилни намери на гестови, што ја прави значително побрза од ЕЕГ уредите, а за разлика од решенијата како „Неуралинк“, не бара никаква хируршка интервенција.

Една од целите на овој проект е примена кај лица со повреди на ‘рбетниот мозок или моторни попречености. Во соработка со Универзитетот Карнеги Мелон, Meta развива верзии што би им овозможиле на овие лица лесен пристап до технологијата.

Моментално се работи на интеграција со паметни очила, а компанијата најавува дека првите производи базирани на оваа технологија би можеле да стигнат на пазарот во следните неколку години.