Американската технолошка компанија Microsoft се приближува кон историска пресвртница, бидејќи нејзината пазарна вредност се искачи на дури 4,14 билиони долари пред отворањето на берзата.

Акциите на американскиот софтверски гигант скокнаа за 8,5 проценти на 557,03 долари, што значи дека по отворањето на берзата во САД, Microsoft би можел да стане само втората компанија во светот чија пазарна вредност надмина четири билиони долари, објавува „Ројтерс“.

Во четвртиот фискален квартал, кој заврши на 30 јуни, приходите на Microsoft изнесуваа 76,44 милијарди долари, што е зголемување од 18 проценти во споредба со истиот период минатата година, а воедно и најбрза стапка на раст за повеќе од три години.

Профитот на Microsoft се искачи на 27,23 милијарди долари, со заработка по акција од 3,65 долари, што е над очекуваните 3,37 долари.

Најновиот квартален извештај открива дека продажбата на неговите Azure cloud услуги експлодирала, а компанијата објави и рекордни 30 милијарди долари капитални расходи во тековниот фискален квартал.

Cloud услугите сега се главен извор на приходи на компанијата, надминувајќи ги традиционалните Windows и Office.

Единицата Intelligent Cloud, која ги вклучува Azure, беше најголемиот придонесувач, носејќи 29,88 милијарди долари приходи, што е зголемување од 26 проценти во однос на претходната година и над пазарниот консензус.

Самиот Azure порасна за 39 проценти во однос на претходната година во последниот квартал, надминувајќи ги дури и најоптимистичките очекувања, објави CNBC.

Растот се базира и на повеќегодишно партнерство со OpenAI – ексклузивниот пристап до неговите модели му овозможи на Microsoft да вклучи напредна генеративна вештачка интелигенција во целата своја понуда, од пакетите Office до cloud серверите.