„Skincase“ изгледа како човечка кожа и се однесува како неа.

Денес на пазарот има илјадници различни модели на паметни телефони, и илјада пати повеќе различни футроли и маски за истите тие телефони.

Но, маската неодамна претставена во Обединетото Кралство навистина може да ја добие титулата „уникатна“.

Имено, маската е изработена од материјал кој изгледа, се чувствува и се однесува како вистинска кожа. Создадена е од истражувачот и креативен технолог Марк Тејсиер, не како експеримент, туку како предупредување за сите кои штотуку се подготвуваат за одмор.

Имено, како што самиот Тејсиер објасни, маската за паметни телефони е изработена од синтетички материјал кој целосно ја имитира човечката кожа. Сè до тој степен што може да се изгори ако е изложена на УВ зраци подолго време.

За создавање на кожата беше употребена комбинација од рачна изработка, 3Д печатење и напредно производство, додека за создавање на самата кожа беа употребени специјални композити кои реагираат на УВ зрачење. Ова дава впечаток дека допирате вистинска човечка кожа, која реагира на изложување на сонце исто како што би реагирала човечката кожа.

„Мојата работа често ги поврзува нашите дигитални животи и благосостојба. Ова е пример за тоа како технологијата може да се користи за промовирање на здравјето и позитивните промени во однесувањето. Нашите телефони се предмети за кои не очекуваме да се променат и да реагираат на начин на кој би реагирале луѓето“, истакна Тејсиер.

„Skincase“ како што се нарекува маската, е создадена во соработка со телекомуникацискиот оператор O2 и со поддршка на The British Skin Foundation за да се привлече вниманието кон штетните ефекти од изложувањето на сонце и потребата од соодветна заштита.

Како што истакнуваат тие, дури 56 проценти од Британците го проверуваат својот паметен телефон три или повеќе пати во најжешкиот дел од денот (од 11 часот наутро до 15 часот попладне), но само еден од петмина повторно ќе нанесе крема за сончање во тој период, додека речиси 10 проценти од анкетираните воопшто не нанесуваат крема за сончање.

Со создавањето на „Skincase“, тие сакаа да им помогнат на корисниците да станат свесни за тоа колку брзо УВ зраците можат да им ја оштетат кожата, со оглед на тоа што претходните истражувања покажаа дека се потребни само пет изгореници од сонце во текот на животот за да се удвои ризикот од развој на меланом (рак на кожа).